Православните христијани утре го слават Бадник, задутре Божиќ

Утре е Бадник, ден пред големиот христијански празник Божиќ. Бадник уште се нарекува и Коледе, а тоа е денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6. јануари секоја година, а Божиќ на 7. јануари.

Bozic1

Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости. Зборот Бадник доаѓа од старословенски – да бидеш буден. Ноќта сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, од што  се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај обредниот оган.

Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24. декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, осбоено поврзани со Бадниковата вечера.

Денес се пеат коледарски песни на децата за здравје, бериќет и плодна година кои ги симболизирааат гласот на ангелите за Христовото раѓање. Бадник е познат уште како Коледе, бидејќи  уште од самото утро во секоја куќа се слуша гласот на децата коледари, кои со коледарските песни за здравје и бериќет го симболизираат гласот на ангелите за раѓањето на Исус Христос. Домаќините им даваат костени, ореви, јаболка, круши, парички, за да го зачуваат овој убав обичај кој се пренесува од колено на колено.

За Бадник семејството се собира на посна и богата вечера. Според верувањата и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од сè по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка.

Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши лепчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

маркетинг


Select
Ознаки: , ,