Православните христијани денес го слават Бадник

Православните христијански верници денес го слават Бадник, денот пред големиот празник Божиќ. Според Јулијанскиот календар, секоја година Бадник е на 6 јануари, а Божиќ на 7 јануари – прекрасни денови кога семејствата во хармонија ја очекуваат и прославуваат веста за Христовото раѓање.

badnik

Божик е најголемиот христијански празник зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил тој, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање (Водици), ниту Распетие и Вокресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден и тн. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, камен темелник за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Евангелските текстови сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамките на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назерет за да се запишат во Витлеем бидејќи биле од родот Давидов. Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите. Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот син превенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест: “He бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли”.

Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: “Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја”! (Лука 2/14) Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот. Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на кои што за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото која што и ги довела до пештерата движејќи се пред нив кога тие оделе и која што стоела кога тие одморале. “И штом влегоа до куќата, го видоа Младенецот со мајка My Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, My принесоа дарови: злато, ливан и измирна” (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во истовреме човек (измирната), Бог (ливанот – темјанот) и Царзлатото.

Значи пред Богомладенецот најпрвин се поклониле простите пастири и учените мудреци како овоземни жители, но и ангелите од небото што значи дека тој бил предодреден подеднакво да му припаѓа и на небото и на земјата. Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање т.е. на крштевањето. Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 6 јануари (19 според новиот календар) Богојавление / Водици, a тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени. Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното (крштевањето) ина телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Така се јавила потребата денот на раѓањето на Исус Христос да се празнува одделно од денот на неговото крштевање. По одделувањето од Епифанијата споменот на Христовото раѓање е пренесен на 25 декември (7 јануари според новиот календар).

Најстар споменик што зборува за Божик е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на IV век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.

Денес македонскиот народ со многу внимание го празнува Божик денот на Христовото раѓање. Обичаите што се изведуват се остатоци од минатото, но поголемиот број од нив се исчезнати и ние денес за нив дознаваме од записите на собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали како што се браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Ефтим Спространов, Васил Икономов, Марко Цепенков и многу други. Особено од минатото се останати богати обичаи и верувања поврзани со Бадник или Коледе денот што му претходи на Божик. Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на сонцето исто како и паганите Свети Августин одговарал: “Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето”. Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник, како и коледицата проследена со многу коледарски песни. Богатата трпеза со исклучително посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. според верувањето има цел врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. Во Кукушко се подготвувала вечера и за дедо Боже, трпезата се поставувала во дворот, a домаќинот го поканувал: “Поели дедо Боже да вечераме”.

На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошките со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и дека ќе дадат богат род. На Бадник во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара.

Вечерта кога сите ќе седнат на вечера домаќинот откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Оној што ќе ја нашол парата ја ставал во грне или чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа. Парата ја земал тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот и за тоа добивал подароци.

Co Божик започнува периодот од 12-те денови т.н. некрстени или погани, а некои ги викаат и Ристосови денови што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити. Според народното верување од Божик до Водици кога Исус не бил крстен и леунка била Богородица, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија. Co Божик е поврзана и пословицата: “Пред Божик зад Божик кај да си дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни вејавици, но и со други опасности сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.

Превземено од книгата Македонските празници од Марко Китески.

маркетинг


Select
Ознаки: , , ,