Спомен Костурницата во Струмица која се наоѓа на ридот Самораница, на надморска височина од 327 метри претставува нем сведок за почитта и незаборавот кон животот и делото на загинатите борци на НОВ. Сместена е во стариот дел од градот, во изолирана и пријатна атмосфера, распрегната меѓу минатото и иднината цели кон давање показ на незаборавот на една од многуте наши историски светлини. Нејзината изградба завршила во 1982 година и со свечен чин таму се пренесени моштите на нашите истакнати борци Благој Јанков-Мучето, Герас Цунев, Сандо Масев, Јанко Цветинов, Иљо Шопов и многу други. Архитектот кој работел на овој проект, Благој Колев навистина го дал максимумот од својата креативност-бел мермер насекаде, квалитетна аула со саркофаг,плато во вид на полукружен амфитеатар и мермерни платна во форма на раскинати ланци кои го симобилизираат крајот на ропството.
Во не толку далечното минато,луѓето од локалните улички во подножјето на Костурницата честопати во попладневните часови овде се собирале и дружеле, уживајќи во свежиот и чист воздух. Децата користејќи го широкото пространство играле најразлични игри, а чести биле и посетите на туристи. На 11 септември, денот на ослободувањето на Струмица, овде се организирала богата и свечена културно-историска програма, на која освен претставниците од Општината присуствувало и локалното население, голем број гости од соседните градови, ученици и почитувачи на делото на борците. Програмата опфаќала исторско предавање за значењето на овој датум, народни танци и револуционерна поезија кои биле особено интересни за присутните сместени на скалилата од белиот амфитеатар. Целата свеченост завршувала со дружење преку организиран коктел и доделување на почесни награди на граѓаните продолжувачи на делото.
За жал, доколку денес го посетите местово, ќе видите само бледа слика од него. Белиот мермер е исполнет со најразлични графити, решетките за влегување во местото каде што се чуваат моштите на починатите борци се извадени и украдени, местото е загадено со отпад и обраснато и со трева. Местото сега се користи за работи кои не би требало да бидат дозволени.Порано, за одржување и чување на Костурницата од секаков вид на вандализам беа задолжени платени чувари, но сега нив ги нема ниту на повидок и местото е препупштено на вандали, наркомани и крадци па локалното населние плашејќи се за својата безбедност ретко ја посетува оваа културно-историска знаменитост.
Се поставува прашањето дали некој ќе преземе одговорност за поправање на настанатата штета и ќе стави крај на долготрајното уништување на ова јавно добро ,за Спомен Костурницата повторно да се најде на мапата на места кои струмичките туристи мора да ги посетат.