People of Strumica – Трајче Ѓоргиев

trajce-georgiev (4)

Трајче Ѓоргиев е полуматурант во Основното Училиште „Никола Вапцаров“ Струмица . Младо, искрено, скромно и културно момче кое веќе ги заживува своите тинејџерски години и сите предизвици, фантазии и соништа на ова време. Меѓутоа сигурно веќе, сите Вие драги читатели, сте слушнале за херојот на оваа приказна затоа што Трајче има една особина која го прави посебен а тоа е неговиот прекрасен глас и неговата желба да пее.

trajce-georgiev (2)

Периодов Трајче е многу популарен не само меѓу неговите врсници и сограѓани туку и низ целиот Балкан како еден огромен аудиториум .Оваа популарност се должи на неговите одлични настапи на шоуто за млади таленти на телевизија Пинк наречено „Пинкове Звездице“. Деновиве се вртеше и веста дека неговото видео од настапот на вториот круг во шоуто е најгледано македонско видео на каналот Јутуб за 2014 година. Навистина огромен успех.

trajce-georgiev (1)

Трајче е „стар“ пријател на Редакцијата на Струмица Денес, уште пред да започне целата еуфорија и популарност со шоуто имавме можност да направиме интервју и видео снимка со него и уште тогаш од се срце го презентиравме и го подржавме неговиот талент.



И сега кога пак се сретнавме со него да ни раскаже како ги минува овие популарни денови најпозитивно се изненадивме кога видовме дека тој е пак истиот смирен, одмерен и искрен дечко. Ни раскажа дека супер си ги поминува деновите на снимањата во Белград. Дружбата со другите деца натпреварувачи е голема и речиси забораваат дека се сепак конкуренција. Презадоволен е од целокупната организација на шоуто и сите луѓе кои се инволвирани во шоуто. Ни откри дека одлично поминал и во наредниот круг од шоуто кој на екраните ќе го гледаме некаде на почетокот на новата година. 

Секако дека Трајче е нашиот број еден фаворит и сигурни сме дека ќе продолжи со своите чудесни изведби да го воодушевува секој кој ќе има прилика да го слушне. Му посакуваме се најдобро и успех во животот.

trajce-georgiev (3)

маркетинг


Select
Ознаки: ,