People of Strumica: Џамбо Агушев

Струмица отсекогаш била град во кој создаваат талентирани и успешни луѓе. Музичарот Џамбо Агушев сигурно е еден од најуспешните музичари кои се родиле во Струмица. Како потврда за големиот талент се многубројните награди што ги има освоено овој витуоз. 

10998215_10153078330419581_701424244_o

Неодамна се сретнавме со Џамбо на кафе (чај) муабет со цел да го запознаеме неформално одблиску во релаксиран пријателски разговор.  Иако е млад на неговата кариера и успеси можат да „позавидат“ многу звучни имиња од естрадата, а сепак наше мислење е дека најдоброто од него допрва доаѓа.

10998215_10153078330419581_701424244_o

Џамбо има 27години и веќе има формирано сопствено семејство и како што ни кажа, затоа што многу време поминува надвор од Македонија, секогаш кога е дома во Струмица се чувствува убаво со своите најблиски. Откога знае за себе, знае и за музиката која е неразделен дел од неговиот живот. На шега вели ако имало како уште недојден на овој свет ќе свирел во стомакот на мајка му. И не само тој, речиси сите во неговата фамилија се музичари а музиката за нив е начин на живеење уште од мали нозе. Вели кај нас во моето маало кај што се семејните куќи денот почнуваше со музика, кој од дворот, кој од куќа, преку друга куќа почнуваше да свири а другите одговаравме исто со свирење и старо и младо и на тој начин комунициравме меѓу себе..

– „Првата труба на која почнав да вежбам беше играчка која ми ја даде татко ми на 6-7 годишна возраст, и оттогаш бев неразделен од неа, а и во секој чекор ги следев татко ми Џемал и чичко ми Кочо затоа што желбата да свирам со нив беше голема“.

Тој период тие свиреле со Биг бенд оркестри по фестивали во Германија и потврдта за талентот на Џамбо доаѓала од многу добри музичари кои имале прилика да го забележат. Така со благослов од чичко му Кочо, Џамбо, го добива своето место во оркестарот Агушеви.

Во меѓувреме непрекинато свири и вежба различни техники на свирење. Доаѓа и првиот значаен настан во Македонија кога на 11 годишна возраст како дел од Агушеви настапува на „Тетовски филиграни“ заедно со струмичката легенда Гоце Арнаудов.

Со континуираните настапи Џамбо се повеќе го развива својот талент, па така 2006 година на „Рома Труба фест“, фестивалот во Куманово во доста силна конкуренција Џамбо е прогласен за најдобар трубач во Македонија.

Следуваат уште награди, најзначајната ја освојува на меѓународниот фестивалот во Гуча 2011 година каде што на општо задоволство на публиката е прогласен за најдобар трубач во конкуренција од 200 трубачи од цел свет. Добива награда златна труба која гордо ја чува дома.

видео од настапот во Гуча:
 

Кога го прашавме колку труби моментално има, рече дека сега има многу труби и дека моментално свири на една од најдобрите труби што можат да се најдат на пазарот.

Но како и да е, од освојувањето на наградата неговите успеси продолжуваат да се редат и со тек на време тој созрева и го презема лидерството во оркестарот.

– „Кога татко ми реши да остави на мене јас да го водам оркестарот знаев дека пред мене е голем предизвик. Иако многу ја почитувам традицијата со тек на време најдов начин како успешно да ги инкорпорирам сите новини и влијанија од светската музика кои ми помогнаа да оформам свој сопствен стил на свирење. Свесен бев дека на еден начин ризикувам, но ги следев сопствените инстинкти и знаев дека со хараброста ќе успеам“ – објаснува Џамбо.

Откако го води оркестарот, и има менаџери кои се грижат за настапите насекаде околу светот, соработката со многу познати музичари се повеќе се зголемува. Пофалби, позитивни коментари и признанија пристигнуваат од сите места каде што настапуваат, буквално од цел свет, како своевидна потврда за популарноста на Џамбо е и настапот на свадбата на Берен Саат, кај нас позната  по улогата на Фатмаѓул, каде што бил специјален гостин. Но тој успева да се прилагоди на сите потреби околу ангажманите и секогаш да остави свој печат.

На прашањето со кој најдобро соработувал, вели дека досега со сите имал одлична соработка и не би сакал никој да издвои.  Ги пофали момците од Дубиоза Колектив со кои на крајот на 2014 година имаше заеднички настап за нивниот другарски однос и кажа дека во животот се многу мирни и гостопримливи домаќини во контраст спрема нивните откачени сценски настапи.  Најави и дека соработката со нив ќе продолѓжи односно ќе гостува на нивниот следен албум.

– „Каде и да одам никогаш не заборавам од каде сум и секогаш се трудам на најдобар начин да ја претставам Македонија “ објаснува Џамбо, кој е одличен соговорник соговорник со чиста мисла и многу позитивна енергија исто како и неговата музика.

Редакцијата на Струмица Денес му посакува уште многу успех во иднина.

маркетинг


Select
Ознаки: ,