Отворена предстечајна постапка за откупниот центар Агрофруктус во Струмица

Со решение на Основен суд Струмица на 14.03.2018 година се поведува претходна постапка за утврдување на причините за отварање на стечајна постапка над должникот Друштво за производство, трговија, услуги и откуп на земјоделски производи Агрофруктус ДООЕЛ Струмица-пишува ЕМАГАЗИН.

Според обајвата на Централниот регистар, за привремен стечаен управник е именуван Драги Димовски од Струмица.

Се одредува општа забрана за располагање со имотот на должникот, забрана за оптоварување – ставање под хипотека на недвижниот имот и ставање во залог на подвижниот имот во сопственост на должникот.

“Привремениот стечаен управник е должен да го заштити имотот на должникот со сите соодветни средства, да дава согласност на органите на управување на должникот за водење на работењето се до донесување на одлуката за отварање на стечајна постапка со цел да се избегне значително намалување на имотот и да испита дали должникот има имот над кој може да се отвори и е доволен за спроведување на стечајна постапка и намирување на трошоците на стечајната постапка и побарувањето на доверителите„, стои во објавата.

Рочиште за испитување на условите за отварање стечајна постапка на должникот се закажува на ден 05.04.2018 година.

Откупниот центар Агрофруктус беше отворен во Македонија во 2011 година, а тогаш беше во сопственост на хрватскиот конгломерат Агрокор на Ивица Тодориќ.

Во 2015 година Агрокор ги продаде сите свои подружници, односно го продаде бизнисот за откуп на свежо овошје и зеленчук на Денис Матијевиќ, кој е сопственик на компанијата Агрофруктус во Хрватска, со што и откупниот центар во Струмица доби нов сопственик.

Откупниот центар на Агрофруктус во Македонија е во Струмица од каде главно се откупуваат лубеници и пиперки. Има околу 60 вработени, 730 кооперанти и годишен капацитет од 50.000 тони свежи производи, претежно од околината на Струмица.

Агрофруктус извезува во Австралија, Канада, САД, Швајцарија, Германија, Словенија, БиХ, Србија, Либија и Израел-пишува ЕМАГАЗИН.

ИЗВОР: ЕМАГАЗИН.

маркетинг


Select
Ознаки: , ,