Калиопи ќе пее осма по ред

Вечерва е второто полуфинале на кое настапува македонската претставничка Калиопи со песната “Дона”, чии автори се таа и Ромео Грил. Калиопи, облечена во црно-бела креација на Розе Трајчевска ќе пее осма по ред на македонски јазик.

kaliopi-dona-7-Custom

Таа ќе се најде на иста сцена со три соседни земји: Србија, Албанија и Бугарија, а истата вечер пее и претставничката на Словенија. Распоредот на втората полуфинална вечер е: Латвија, Полска, Швајцарија, Израел, Белорусија, Србија, Ирска, Македонија, Литванија, Австралија, Словенија, Бугарија, Данска, Украина, Норвешка, Грузија, Албанија и Белгија. Калиопи ќе настапи со четири женски придружни вокали: Маја Саздановска-Лилчиќ, Јулија Карамитрова-Огненоска, Калина Велковска и Марија Наумовска како и тапанарот Горан Михајловски-Петел.
Десетте земји од првото полуфинале кои обезбедија пласман во финалната вечер, ќе им се придружат на десетте кои ќе влезат во финалето вечерта. На финалето, стандардно настапува и големата петорка: Франција, Италија, Германија, Шпанија и Велика Британија, плус ланскиот победник и овогодишен домаќин, Шведска.
Од годинава е воведен нов начин на гласање, кој е најголема промена уште од 1975 година, кога за прв пат беа воведени 12 поени. По реакциите на дел од учесниците поради соседското гласање, беше воведено гласање и од жири и од публиката на секоја земја учесничка, во сооднос 50-50. Организаторите на годинешниот Евросонг го сменија и начинот на делење бодови и на соопштување на резултатите од гласањето, со цел да има поголема неизвесност до крајот на натпреварувањето. Стручното жири и публиката од секоја земја ќе доделуваат посебни поени од 1 до 8, 10 и 12 за своите фаворити. Презентерите од секоја земја поединечно ќе ги претстават поените од жирито според кои ќе се рангираат учесниците на табелата. Поените доделени од публиката нема посебно да се презентираат, туку ќе се соберат. На крајот, презентерот ќе ги соопшти собраните поени почнувајќи од земјата што освоила најмалку до онаа што добила најмногу од публиката низ цела Европа.
Шоуто ќе го пренесуваат 42-те земји учеснички, плус Кина, Казахстан, Португалија, Нов Зеланд и за прв пат годинава САД. Годинешното евровизиско мото е “Да се обединиме” (Come Together). Водители се ланскиот победник Манс Земерлов и Петра Меде, ТВ-презентерка, актерка и танчарка.

М.Џаровска

Калиопи ќе открие која е “Дона” на финалето

И европската, како и македонската јавност на една од прес-конференциите во Стокхолм се интересирала за тоа која е “Дона” за која пее Калиопи: “Ќе ви откријам за ‘Дона’ и нејзиното вистинско значење во финалето. Сепак ќе кажам дека “Дона” е симбол на соединување на луѓето во добрината и среќата. Дона може да биде нашиот ангел чувар во животот, некој којшто ни дава сила”, изјавила Калиопи.

Жирито од Македонија

Членови на жирито што годинава ќе гласаат во името на Македонија се композиторот Ванчо Димитров, музичарот Александар Ристовски-Принц, пејачите Горан Наумовски и Мијата, како и Ања Ветерова, учесничка на Детскиот евросонг од 2010 година. Ветерова со 16 години ќе биде најмладиот член.

Извор: Вест

маркетинг


Select