Под мотото „Во нашиот свет има место за секој цвет“, во рамките на проектот „Јакнење на меѓуетничката соработка во општините“, финансиран од Детската Фондација Песталоци и имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје, во соработка со Бирото за развој на образованието-Скопје, учениците од трето одделение во мешан етнички состав во основното општинско училиште „Маршал Тито“ од Струмица, реализираа заеднички час. Со поддршка на наставниците Даниела Митева и Самир Демиров, преку различни методи и наставни форми на работа, во корелација со програмски содржини од општеството, ликовното и музичко воспитување, учениците низ игра, песна и цртање презентираа пораки за пролетта и изработија цртеж со цвеќиња.
Општина Струмица, како партнер во овој проект, преку Комисијата за меѓуетничка интеграција во образованието формирана од градоначалникот на општина Струмица, постојано ги следи и продолжува со поддршка на активностите планирани во годишните програми на училиштата.